Прејди на содржината

Плата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Монета издадена за време на римскиот император Максимијан

Плата претставува надомест кој работодавачот му го исплаќа на работникот за извршената работа, труд или услуга. Платата се распределува во определен период од време, на пример, ден, недела, две недели или еден месец. Во економската наука, платата претставува цена на трудот (работната сила) како производствен фактор.

Платата како цена на трудот

[уреди | уреди извор]

Во економијата, платата претставува цена на производниот фактор на труд. Притоа, во конкуренција, платата е еднаква на вредноста на маргиналниот производ на трудот. Конкуренцијата ги изедначува платите на сличните работници во различни занимања и на различни локации, зашто ако платата на некои работници е ниска, тие ќе се префрлат на друга локација или во друго занимање. Меѓутоа, кога се зборува за рамнотежата во услови на конкуренција треба да се земат предвид не само платите, туку и другите „нето-предности“ на одделните занимања, т.е. сите фактори кои некоја професија ја прават попривлечна или понепривлечна од другите. Оттука, висината на платите во одделни професии зависи од следниве фактори:[1]

  • непосредните трошоци на професијата: ако работникот во некое занимање треба самиот да си го плати алатот, тоа неговата плата ќе биде повисока за износот на тие трошоци.
  • трошоците на школување и обука: ако за некоја работа е потребно дополнително образование (треба да се оди на факултет) или обука (треба да се заврши некој курс), тогаш платата ќе биде повисока за износот на трошоците за образованието.
  • нестабилноста на вработувањето: ако работата во некоја професија е нестабилна, т.е. работникот некогаш работи а другпат е невработен, тогаш неговата плата ќе биде повисока како надомест на оваа нестабилност.
  • неизвесноста: ако заработката во некоја професија е многу променлива, т.е. таа осцилира значително, тогаш платата во таа професија ќе биде поголема во однос на професиите со стабилна заработувачка.
  • трошоците на живот: ако некоја професија се изведува во место со повисоки трошоци за живот (центарот на градот, поскап град итн.), тогаш платата мора да биде повисока како надомест за повисоките трошоци.

Во конкуренција, секој работник настојува да се вработи во онаа професија која носи највисок износ на парични (плата) и непарични (удобност во работата, стабилност, помала неизвесност итн.) придобивки. Оттука, ако сите работници се одликуваат со еднакви способности, долгорочната крива на понудата на труд во секое занимање ќе биде хоризонтална. Но, ако работниците немаат еднакци способности и еднаква наклонетост за одделни занимања, тогаш во определен временски период платите во некое занимање ќе мора да пораснат во споредба со другите занимања, со цел да се привлечат дополнителни работници, но на крајот повторно ќе се воспостави рамнотежата. Оттука, на долг рок, еластичноста на понудата на труд во некое занимање ќе биде многу висока, додека краткорочната еластичност на понудата на труд ќе биде пониска.[2]

Во несовршена конкуренција, висината на платите во одделни професии зависат од два основни фактора:[3]

  • можностите и богатството: ако некои луѓе не можат да си дозволат доволно образование за да се вработат во некоја професија, тогаш нема да постои подвижност на работниците, т.е. некои луѓе постојано ќе работат во нископлатени занимања, а платата во некои професии постојано ќе биде повисока од рамнотежната.
  • влијанието на синдикатите: ако работниците во некои професии се организирани во синдикати, тогаш нивните плати може да бидат повисоки од рамнотежното ниво, т.е. во споредба со платите на работниците кои немаат синдикати. Притоа, влијанието на синдикатот врз платата ќе биде поголемо ако е пониска еластичноста на побарувачката на производите, ако трудот во таа професија нема добар супститут и ако понудата на другите фактори на производството е нееластична.

Законодавство за минималната плата

[уреди | уреди извор]

Во повеќе земји, со закон е определена најниската, минималната плата која мора да им се исплати на работниците, односно фирмите не смеат да им исплатат на вработените пониска плата од минималната. Првите закони за минималната плата биле донесени во Нов Зеланд (1894), во Обединетото Кралство (1909) и во американската сојузна држава Масачусетс (1912). Во САД, првиот федерален закон за минималната плата бил донесен во 1938 година (The Fair Labor Standards Act), кога минималната наемнина била определена на износот од 25 центи за еден час.[4]

Платата и порастот на населението

[уреди | уреди извор]

Во 1798 година, Томас Малтус ја објавил својата книга „Есеј за населението“ (An Essay on Population) во која ја изложил својата теорија за врската меѓу нивото на платите и порастот на населението. Основната претпоставка во неговата теорија е дека трудот има константна цена на понудата која е определена од вообичаените трошоци за живот на работничката класа. Ако платата падне под нивото кое доволно да се обезбеди егзистенцијата, тогаш ќе се зголеми смртноста на работниците, а тоа ќе ја намали понудата на труд и платата пак ќе се врати на рамнотежното ниво. Обратно, ако платата е повисока од трошоците за живот, тогаш ќе се зголеми животниот стандард на работниците, ќе се намали нивната смртност, а тоа ќе предизвика пораст на понудата на труд и враќање на платата на рамнотежното ниво. Според Малтус, населението расте побрзо од порастот на побарувачката труд, односно населението се размножува по геометриска прогресија, додека производството расте по аритметичка прогресија, така што на долг рок не може да дојде до пораст на платите.[5]

Платите во Македонија

[уреди | уреди извор]

Концептот на бруто-плата

[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 1 јануари 2009 година во Македонија била воведена пресметка на платите според принципот на бруто-плата. Концептот на бруто-плата опфаќал повеќе суштински промени, како:

  • пресметката и исплатата на платите се врши во бруто-износ, кој ја вклучува чистата плата што ја добива работникот (нето-плата) заедно со сите јавни давачки (даноци и придонеси),
  • во бруто-платата се вклучени надоместоците кои ги добиваат вработените за храна и за превоз,
  • намалување и хармонизирање на најниската основа за плаќање на социјалните придонеси од 65% на 50% од просечната плата,
  • постепено намалување на стапките на социјалните придонеси од 32% на 22%,
  • интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување и на персоналниот данок на доход од страна Управата за јавни приходи.[6]

Со воведувањето на концептот на бруто-плата, работодавачите оствариле голема придобивка, затоа што платата на работникот е искажана како единствен трошок, а освен тоа, било намалено даночното оптоварување на платите, со што се намалиле трошоците во работењето на претпријатијата. Исто така, новиот концепт значел и поедноставна административна постапка за пресметка на платите, што исто така било поволно за работодавачите. Овој концепт создал и одредeни придобивки за работниците, бидејќи се стеснил просторот за манипулација од страна на работодавачите за избегнување на обврската за плаќање на социјалните придонеси. Имено, со концептот на бруто-плата, директен обврзник за плаќање на придонесите е работникот, но пресметката и уплатата на придонесите ја врши работодавачот. Оттука, концептот на бруто-плата оневозможува да се плати само еден придонес, а да се избегне некој друг придонес или да се плати само персоналниот данок, а да се избегнат придонесите.[7]

Висина на платите во Македонија

[уреди | уреди извор]

Според податоците од Државниот завод за статистика, во април 2013 година,

  • просечната бруто-плата во Македонија изнесувала 30.799 денари (околу 500 евра)
  • просечната нето-плата била 20.983 денари (340 евра).

Притоа, јавните давачки (даноците и придонесите) учествувале со 32% во бруто-платата. Во тој поглед, споредбата со поранешните републики на СФРЈ покажува дека само Словенија и Црна Гора имале повисоко оптоварување на платите со јавни давачки.

Споредбата со останатите држави на подрачјето на поранешната СФРЈ покажува дека платите во Македонија биле најниски, т.е.

Во декември 2014 година, според податоците на Заводот за статистика,

  • просечната бруто-плата изнесувала 32.741 денар, додека
  • просечната нето-плата изнесувала 22.407 денари,

што претставувало пораст од 4,2% во споредба со декември 2013 година. Притоа, 1,2% од вработените во Македонија не зеле плата за тој месец.[9][10]

Според податоците за септември 2015 година, дејности со нависока-бруто плата во Македонија биле:

Од друга страна, бруто-платата била најниска во следниве дејности:

Табела 1: Споредбен преглед на платите на подрачјето на поранешната СФРЈ[12]

Земја Бруто-плата (во евра) Нето-плата (во евра) Учество на јавните давачки во бруто-платата Градација во однос на македонските плати
Македонија 500 340 32% 100
Србија 539 390 27,6% 115
Црна Гора 730 481 34,1% 141
БиХ 637 477 25,1% 140
Хрватска 1 075 744 30,8% 219
Словенија 1 524 997 34,6% 293

На крајот од декември 2015 година, просечната исплатена бруто-плата во Македонија изнесувала 541 евро, за разлика од 532 евра на крајот од 2014 година. Притоа, на крајот од 2015 година, просечната бруто-плата изнесувала:

Во јули 2016 година,

  • просечната нето-плата во Македонија достигнала ниво од 22.334 денари (противвредност на 363 евра).

Набљудувано по дејности,

Најниска плата имале вработените во рибарството, 11.823 денари.[14]

  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 257-263.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 263-264.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 265-270.
  4. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 39.
  5. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 270-271.
  6. Димитар Николоски, "Филипсовата крива во Република Македонија како инструмент за создавање политики", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 47.
  7. Димитар Николоски, "Филипсовата крива во Република Македонија како инструмент за создавање политики", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 48.
  8. Павле Гацов, „Платите како летна тема“, Економија и бизнис, год. 16, бр. 180, јули 2013, стр. 43.
  9. „Просечната нето-плата во декември 22.407 денари“, Дневник, петок, 27 февруари 2015, стр. 23.
  10. „Просечната нето-плата 22.407 денари“, Утрински весник, година XVI, број 4721, петок, 27 февруари 2015, стр. 9.
  11. Економија и бизнис, год. 18, бр. 210/211, декември 2015/јануари 2016, стр. 7.
  12. Павле Гацов, "Платите како летна тема", Економија и бизнис, год. 16, бр. 180, јули 2013, стр. 43.
  13. „Што се случува со просечната исплатена бруто плата по вработен во Република Македонија?“, Економија и бизнис, број 215, мај 2016, стр. 7.
  14. „Просечната плата на Македонците во јули е 363 евра“, Дневник, година XX, број 6172, четврток, 22 септември 2016, стр. 7.