Прејди на содржината

Ѓавол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Слика на ѓаволот во Бројот на Beверот е 666, слика Вилијам Блејк.
Илустрација на ѓаволот во книгата Кодекс Гигас.

Ѓавол или враг — име што се дава на натприродниот ентитет, кој, во повеќето западни религии, е главното отелотворување на злото. Овој ентитет вообичаено се нарекува со повеќе други имиња, вклучувајќи ги: Сатана, Асмодеј, Белзебуб, Луцифер и/или Мефистофел. Во класичната демонологија, секое од овие имиња се однесува на посебен натприроден ентитет, и постои значајно несогласување кои од нив се навистина зли.

Некои стручњаци сметаат дека поимот за централно натприродно отелотворување на злото, како и поимот за ангелите, за првпат настанал во западниот монотеизам, кога јудаизмот стапил во контакт со персиската религија Зороастризам. За разлика од класичниот монотеизам, Зороастризмот опфаќа два бога, еден добар и еден злобен, заробени во космичката битка каде што двајцата се повеќе или помалку еднакви и исходот е секогаш несигурен. Ахура Мазда ("Мудриот Господар"), исто така познат како Охрмазд е богот на светлината, а Ахриман ("Злобен Дух"), исто така познат како Ангра Маинју, е богот на темнината. Во конечната битка помеѓу натприродните сили на доброто и злото, на човечките души ќе им се суди во огнениот божји суд, и само доброто ќе преживее. Соодветно, луѓето треба да се подредуваат под богот на светлината и неговите ангели, а да го избегнуваат богот на темнината и неговите демони.[1]

Христијанството го гледа Сатаната како ангел избркан од рајот од страна на Господ. Во исламот, ѓаволот се нарекува Иблис или Шејтан. Ѓаволот се појавува во различни форми, кои варираат од човечка форма до некое реално или имагинарно животно (јарец, змеј, граблива птица).

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Македонскиот збор ѓавол, односно дјавол, веројатно потекнува од грчкиот збор διάβολος (диаволос), со значење „клеветник“ (т.е. „дијаболичен“). Поимот ѓавол може да се однесува на поголем демон во хиерархијата на Пеколот. Во Македонија ѓаволот во народот се означува и со термините:враг, сатана, едноногиот, нечастивиот, поганец, антихрист, куциот, а посебно е интересен називот „тој натемаго“.[2]

Ѓаволот во христијанството

[уреди | уреди извор]

Потеклото на ѓаволот

[уреди | уреди извор]
Свети Волфганг и ѓаволот, Михаел Пахер (околу 1471)

Според преданијата, во рајот каде што живеел Господ со своите ангели, најстариот од нив посакал да му ја преземе власта на Господ. Во тој обид кон него се приклучиле уште некои ангели, но Господ им ја знаел намерата па ги избркал од рајот, при што најгрешните ги фрлил во пеколот, помалку виновните ги отфрлил во вселената да скитаат, а оние кои биле нерешителни ги пратил на земјата. На тој начин, од првобитните ангели настанале три вида ѓаволи: ѓаволи во пеколот; ѓаволи во вселената, кои се движат со ветриштата и ѓаволите на земјата кои народот ги нарекувал нечастиви. Според други верувања, кога Господ ги создал Земјата, небото и останатите небесни тела почувствувал здодевност. Гледајќи го сопствениот лик во водата, тој посакал да има друштво па го оживотворил сопствениот лик. Но, новото бите почнало да се меша во неговите работи и да му го расипува создаденото. Тогаш, Господ го создал човекот, како антипод на претходно создаденото битие. Во своето непријателство и омраза кон Бога, ѓаволот се свртел против човекот кој е божјо дело, постојано обидувајќи се да ги сврти луѓето против бога за да ги искористи во одлучувачката војна против него.[3]

Според богомилското дуалистичко поимање на светот, ѓаволот бил син на Господ Сатанаил (Бугарија), Натанаил (Србија), а ангелите биле негови поданици. Ангелите му плаќале данок на Господа во жито и масло, а неговиот син посакувајќи ја власта и моќта на Господ ги наговорил ангелите да се кренат против Господ и, за таа цел, тој им ги намалувал даноците, тврдејќи дека татко му ги оштетува. Но, Господ дознал за заверата, му ги одзел светлината и, делумно, моќта на синот свој и со неговите истомисленици го прогонал на земјата која во тоа време била само вода. Во Јованово евангелие (19) за овој настан се вели: „...Го преобрази поради неговата самољубивост: светлината му беше одземена, лицето му доби боја како вжештено железо и заличи целосно на човечкото лице. Со опашката тој повлече третина од божјите ангели...“ По паѓањето на земјата, ѓаволот прво создал почва, зашто моќта за творечката дејност не му била одземена. Според богомилското верување, со помош на своите ангели, тој ја создал месечината, ѕвездите, дождот, снегот, громот и останатите временски промени, на земјата ѝ наредил да создаде животни и растенија. Според преданието од малоазиските богомили (фундагиагити), при прогонството од небесното царство, Сатанаил ги украл двете нешта создадени од Бога - сонцето и човечката душа. Сатанаил создал човек кој личел на него, со помош на ангелите од третото небо. Во текстот „Паноплија догматика“ од Ефтимиј Зигабен описот на ова дело е следен: „Потоа Сатанаил го создал телото на Адам од прстот, водата и правта. Од него истекла вода низ десната нога и се прелеала врз големиот прст, па се пролеала врз земјата. Од неа настанала змијата. Сатанаил си го собрал здивот и вдахнал живот на телото создадено од него...“[3]

Според средновековната легенда, главниот ѓавол, Луцифер, некогаш бил убав, но во пеколот тој е грд и има три лица, со различни бои: црвено, жолто-бледо и црно. Вообичаено, вака го прикажувале ѓаволот и средновековните уметници, веројатно како спротивност на божјото тројство, а трите бои биле симболи на немоќта, незнаењето и омразата. Притоа, според средновековната легенда, Луцифер паднал од небото на јужната полутопка со главата надолу, а преплашената земја се тргнала и така пред него настанал пеколот, а зад него чистилиштето. Оттука, ако се влезе во пеколот од северната полутопка, Луцифер стои на нозете, а ако се гледа од јужната полутопка, тој стои наопаку, т.е. со стапалата нагоре.[4]

Ѓаволот во средновековната теолошка литература

[уреди | уреди извор]

Во средновековната теолошка литература се нагласува злобниот карактер на ѓаволот, кој постојано ги наведува луѓето на гревови. Во тој поглед, во средновековната книжевност, ѓаволот добива некои особини кои претходно не му биле припишувани: тој станува моќен господар кои настојува да ги потчини слабите, колебливи луѓе и да ги стави под својата власт, барајќи да му се заколнат на верност (Fac mihi hominium), а истовремено им ветува богата награда. Иако средновековните автори тврдат дека, според својата моќ, ѓаволот не му е еднаков на бога, сепак тој претставува голема опасност и закана и се одликува со голема моќ.[5]

Црковната литература ги прикажува ѓаволите како постојани придружници на грешните луѓе. Така, во своето дело „Дијалози за чудата“, Цезариј од Хајстербах соопштува дека една испосничка ги видела демоните кои седеле на грбовите на калуѓерите при што личеле на мајмуни и мачки и ги имитирале гестовите на калуѓерите. Во друга прилика, некоја богата госпоѓа се појавила во црквата накитена, но не забележала дека на нејзиниот раскошен фустан седат многу ѓаволи. Тие биле црни, се смееле, плескале од радост и се превртувале како риби во мрежа. Според Цезариј, бројот на ѓаволите е голем, иако не се знае точно колку ги има, но тоа ќе се открие на Судниот ден. Според зборовите на Рудолф од Шлетштат, еден опседнат човек раскажувал дека во Цирих се собрале 6 606 ѓаволи кои ќе ги нападнат граѓаните, казнувајќи ги за нивната гордост. Но, не само што се бројни, туку ѓаволите се и многу лукави, се служат со различни средства за да ги заробат душите на грешниците и уживаат во своите злодела. Притоа, ѓаволите често се појавуваат дури и само ако ненамерно им се спомене името. Цезариј од Хајстербах наведува неколку такви примери: налутениот татко му се развикал на синот со зборовите „оди по ѓаволите“ и него веднаш го однел ѓаволот; друг татко ја искарал својата ќерка, споменувајќи го ѓаволот, кој веднаш се вселил во неа; на еден слуга му здодеало да го чува манастирското лозје и го повикал ѓаволот да го замени, а тој веднаш се појавил; некој човек сакал насилно да има сексуален однос со жена му, а таа го проколнала со ѓаволот и потоа останала бремена и родила чудовиште; некој човек заминал на поклонение, проколнувајќи ја жена си со зборовите дека ќе ја чува ѓаволот и навистина, за време на неговото отсуство, ѓаволот ја чувал и ги бркал нејзините љубовници.[6]

Колку и да делува наобично, средновековната латинска книжевност наведува и примери на добри ѓаволи (diaboicae bonitatis). На пример, Цезариј од Хајстербах ја раскажува приказната за еден витез кој имал способен штитоносец, убаво момче кое верно му служело на својот господар. Подоцна, кога се разболела неговата жена, витезот дознал дека неговиот штитоносец е ѓавол и дека му причинувала голема радост да им служи на луѓето. Исплашен, витезот го отпуштил од службата, а кога му платил пет солиди, ѓаволот му ги вратил парите со цел со нив да купи нова камбана за запуштената црквата. Според друга приказна, еден добар ѓавол го носел на грбот витезот Еверхард низ разни места, вклучувајќи ја и светата земја и го вратил неповреден дома. Некој ѓавол ги предупредил селаните да не јадат од месото кое потекнувало од украдена крава, а исто така ги откривал гревовите кои луѓето не сакале да ги исповедаат.[7] Еден ѓавол зел човечки лик и верно му служел на некој богат човек. За да го награди, богатиот му ја дал на ѓаволот својата ќерка за жена, но ѓаволот побегнал зашто таа го малтретирала. Притоа, ѓаволот му признал на богатиот човек дека неговата татковина е пеколот, велејќи дека таму никогаш не претрпел толкаво зло како она од сопругата.[8]

Цезариј од Хајстербах наведува повеќе случки во кои ѓаволите ги напаѓаат дури и свештениците во случаите кога тие се однесуваат несоодветно: на пример, во некоја црква во која свештениците ги пееле црковните песни гласно и без побожност, а ѓаволот ги собирал нивните гласови при што наполнил цела вреќа; околу некој калуѓер кој спиел во манастирскиот хор се собирале ѓаволите во облик на свињи, кои ги собирале гласовите кои испаѓале од неговата уста; некој грешен свештеник другарувал со некој витез со кого правел порочни дела, а ѓаволот го казнил така што се преправил како свештеникот и го налутил витезот, кој му ја повредил главата на свештеникот;[9] еден калуѓер заспал за време на молитвата, а на неговиот грб се појавил ѓаволот во облик на змија, а на главата на друг калуѓер, кој исто така спиел за време на молитвите, стоел мачор.[10]

Според Григориј Велики, ѓаволите имаат многу страшен изглед: тие се одвратни, црни духови или страшни змејовии кои влегуваат во устата на грешникот и му ја цицаат душата. Бидејќи се духови, невозможно е да се видат ѓаволите, кои на луѓето им се појавуваат во различни облици: како убави мажи и жени, свештеници, мајмуни, змии, влекачи, кучиња итн., т.е. нивните способности за метаморфоза се неограничени. Меѓутоа, демоните со човечки лик не можат да се видат отпозади, зашто тие немаат грб, внатре се шупливи и секогаш се оддалечуваат одејќи наназад.[11] Исто така, во средновековната латинска книжевност се наведуваат бројни примери во кои ѓаволите го познаваат латинскиот јазик: на пример, Рудолф од Шлетштат раскажува за ѓаволот кој влегол во некој неписмен селанец и тој веднаш проговорил латински, па дури бил пофален; во друга прилика, ѓаволот му се обраќа на свештеникот Енсфрид со својот латински стих; некоја девојка, која била опседната со ѓаволот, побарала од него да ја прочита молитвата „Pater noster“ и тој ја изговорил молитвата, но намерно направил некои пропусти, употребувајќи варваризми за да ја направи молитвата богохулна; на еден ученик во Париз, Сатаната му дал врвно образование така што му дал камен со чија помош ученикот победувал во сите научни дискусии, но штом го фрлил каменот, веднаш ја загубил својата ученост.[12]

Сепак, и покрај големата моќ, ѓаволите се повлекуваат пред свештениците. На пример, во делото „Дијалози“, Григориј Велики раскажува за една калуѓерка која јадела салата и во неа влегол еден ѓавол кој седел на лист од салатата. Штом се појавил опатот Еквитиј, исплашениот ѓавол почнал да се жали и веднаш се повлекол, штом опатот му го наредил тоа. Во друга прилика, презвитерот Стефан уморен се вратил дома и го повикал својот слуга со зборовите: „Дојди ѓаволе, собуј ме“. Тогаш, обувките почнале самите да се собуваат, а свештеникот сфатил дека станува збор за ѓаволот; тогаш, тој го избркал и ѓаволот веднаш си заминал. Свети Фортунат го избркал ѓаволот од еден опседнат човек, по што ѓаволот скитал низ градските улици жалејќи се дека останал без засолниште. Григориј Турски ја наведува случката во која ѓаволот влегол во ќерката на императорот Лав и не сакал да излезе, барајќи лично да дојде лионскиот архиѓакон. Според друга приказна, некоја жена не можела да се породи и ја испратила својата сестра да ја побара паганската божица Дијана; тогаш ѓаволот (зашто тој бил паганското божество) ја упатил на апостолот Андреја, т.е. ја признал моќта на светците.[13] Григориј Велики ја наведува и случката во која ѓаволот влегол во еден селанец, принудувајќи го да блее и да цвичи, а една калуѓерка му наредила на ѓаволот да се префрли во некое прасе кое случајно се нашло во близината. Исто така, ѓаволот кој ја запоседнал ќерката на некој италијански херцог не сакал да излезе, барајќи да дојде св. Гал, а штом пристигнал, светецот го избркал ѓаволот (кој имал лик на врана) и го истерал во пеколот.[14] Во „Житието на св. Мартин“ (De vita beati Martini), Сулпициј Север пишува дека ѓаволот постојано го опседнувал св. Мартин, а еднаш се појавил во царска облека, претставувајќи се како Христос и барајќи светецот да му се поклони. Но, светецот не наседнал на итрината, па ѓаволот морал да си замине, оставајќи зад себе непријатен мирис во ќелијата.[15] Во друга прилика, св. Мартин го избркал ѓаволот од некој опседнат човек, но притоа не му дозволил да излезе од устата на опседнатиот, туку го натерал да се спушти во желудникот.[16] Во житието на св. Колумбан се наведува случката во која ѓаволот не ги слушал наредбите на светецот и не излегувал од човекот кого го опседнал, па св. Колумбан ја пикнал раката во устата на човекот и го извлекол ѓаволот кој испуштал голема смрдеа.[8] Во „Животот на отците“ (Vitae patrum), Григориј Турски раскажува за ѓаволите кои нападнале некој манастир, а калуѓерите одговориле со причест и со исповедi кои ѓаволите не можеле да ги поднесат.[16] Исто така, ѓаволите имаат голем страв од крстот, а особено од Богородица, која ја нарекуваат „таа жена“ зашто се плашат или не смеат да ѝ го споменат името. Еден ѓакон се соочил со огромен бик со неверојатна дебелина и со сјајни очи, а тоа бил самиот ѓавол кој зинал со намера да го изеде свештеникот, но тој го совладал со знакот на крстот.[17]

Ѓаволот во јужнословенската митологија

[уреди | уреди извор]

Ѓаволот е митолошко зло, суштество чија примарна активност е да ги нагонува луѓето на грев, неговите активности се зли, насочени против човекот и Бога. Кај нашите народи ѓаволот се ословува со најразлични имиња, старословенскиот термин за ѓаволот бил враг, како можност за едно од неговите први имиња е и бес.[1]

Старите Словени, пред влијанието на христијанството, имале претстава за ѓаволот и се верува дека паганскиот Црнобог бил всушност ѓаволот. Пред прифаќањето на терминот ѓавол, Словените го нарекувале чорт, враг, бес. Поради верувањето дека со самото спомнување на зборот ѓавол тој е повикан, нашите предци го ословувале со еуфемизми; сатанаил, натанаил, нежид, кусиот, рогатиот, анатемик, клетник и др.[1]

Ѓаволот во народната култура

[уреди | уреди извор]
Повикување на ѓаволот

Ѓаволите најчесто претстојувале околу водениците или под воденичните камења, но живееле и во реките, бунарите, езерата, пештерите, напуштените куќи, под дрвјата, под мостовите, околу раскрсниците. Омилени места им се околу водите, а според едно предание тие прво живееле на морското дно во кожен мев, но кога се намножиле морале да излезат на земјата. Од дрвјата како простор за нивните собирања особено ги сакаат оревите, врбите, трските и шипјето. За нив се верувало дека биле во постојано движење, патувале ноќе.

Ѓаволските работи секогаш биле спротивни на божествените: Господ создал маж, ѓаволот жена, Господ праведност, ѓаволот неправда, Господ босилек, ѓаволот коприва, ѓаволот го создал волкот, но Господ му дал душа па тој станал лут непријател на ѓаволот итн.

Ѓаволот во својата власт ги држел некрстените деца, при крштевање врз лицето што се крштева се плука и дува, со цел да се откаже од ѓаволот. На секој човек ѓаволот му седи на левото рамо чекајќи миг да го нагони на грев. Ѓаволите ги расипуваат делата на човекот, а да го наведат на грев му помагаат или го советуваат. Ги наведувале луѓето на самоубиства, на криминал, разврат. Според народните преданија, ѓаволот имал способност на трансформација, со тоа им се доближувал на луѓето за да ги заведе во грев.[1]

Во народното верување, со влијание на сите пагански, но и христијанските поимања за ѓаволот, тој е најчесто претставен во човечки лик, со грдо лице, со мали рогови на челото, со уши како на коза, со големи, крвави очи, со брада како на прч, со ретки мустаќи и орловски долг нос, телото му е влакнесто. Помладите ѓаволи имале опаш, а на постарите тој им отпаѓал, нозете му биле како на коза, а на рацете имал нокти како на орел. Најчесто бојата на неговиот тен се опишува како јаглен, црна, нагорена и сл. Се верувало дека неговото тело е празно, дека има само една шуплива коска. Понекогаш на ѓаволот му се припишувале и крилја, слични како оние на лилјакот.[1]

Во народното творештво, ѓаволот е прикажан како глупав,т.е. итрите луѓе може да го надитрат (рибарот го вратил во шишето) Марко Цепенков, и да го уништат. Најголемите непријатели на ѓаволот се волкот, Св. Илија, Св. Пантелејмон, Св. Атанас, громовите. Ѓаволот може да се убие само се едно удирање, а доколку е удрен по вторпат тој оживува или, според друго предание, се создава уште еден ѓавол. Ѓаволот нема дејство врз бремената жена, бидејќи плодот под нејзиното срце е благословен од бога.

Според преданијата, ѓаволот носи црвена шапка на главата и неговата сила или душата се наоѓа во неа, така што кога некој итрец би му ја откраднал капата, тогаш тој би станал видовит. Исто така, ѓаволот носи и волшебен стап којшто на човекот што ќе му го одземе му давал моќ на маѓепсништво.

Ѓаволот како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Ѓаволот како тема во народното творештво

[уреди | уреди извор]
  • „Ѓаволот учител“ — македонска народна приказна.[18]
  • „Човекот што му дал запис на ѓаволот“ — македонска народна приказна.[19]
  • „Тројцата браќа-ѓаволи и цар Соломон“ — македонска народна приказна.[20]
  • „Крчмата од ѓаволот“ — естонска народна приказна.[21]
  • „За тројцата браќа што му служеле на ѓаволот“ – полска народна приказна.[22]
  • „Шејтанот кого го измамил султановиот син“ – приказна на африканското племе Свахили.[23]
  • „Трубата што ги брка ѓаволите“ - унгарска народна приказна.[24]
  • „Очите соколови и ѓаволски“ (српски: Очи соколове и ђаволове) - српска народна песна.[25]
  • „Фантазиите на ѓаволот и Божјата сила“ (српски: Ђавоља маштанија и Божја сила) - српска народна приказна.[26]
  • „Ѓаволската сланина“ (српски: Ђаволска сланина) - српска народна приказна.[27]
  • „Ѓаволот и неговиот чирак“ (српски: Ђаво и његов шегрт) - српска народна приказна.[28][29]
  • „Свети Сава и ѓаволот“ (српски: Свети Сава и ђаво) - српска народна приказна.[30]
  • „Ѓаволче“ (српски: Ђаволак) - српска народна приказна.[31]

Ѓаволот како тема во книжевноста

[уреди | уреди извор]

Ѓаволот како тема во филмот

[уреди | уреди извор]

Ѓаволот како мотив во музиката

[уреди | уреди извор]
  • „Цревата на ѓаволот“ (англиски: Bowels Of The Devil) — песна на американската рок-група Бади каунт (Body Count) од 1992 година.[49]
  • „Ѓаволот во мојата кола“ (англиски: Devil in My Car) — песна на американската рок-група The B-52's од 1980 година.[50]
  • „Ѓаволот ме натера да го направам тоа“ (англиски: The Devil Made Me Do It) — песна на американскиот џез-рок музичар Џејмс Вајт (James White) од 1983 година.[51]
  • „Окото на ѓаволот“ (англиски: The Devil's Eye) — песна на австралиската поп-група The Go-Betweens од 1988 година.[52]
  • „Го видов ѓаволот“ — песна на македонскиот рапер Да Џака Накот од 2015 година.[53]
  • „Мефисто“ (англиски: Mephisto) — песна на британската група Дед кен денс (Dead Can Dance) од 1990 година.[54]
  • „Скокна ѓаволот“ (англиски: Up Jumped the Devil) — песна на рок-групата Ник Кејв енд д бед сидз (Nick Cave and the Bad Seeds) од 1988 година.[55]
  • „Ѓаволскиот триаголник“ (англиски: The Devil's Triangle) — песна на британската рок-група King Crimson од 1970 година.[56]
  • „Ѓаволче“ (англиски: Lil' Devil) — песна на британската рок-група Калт (The Cult) од 1987 година.[57]
  • „Црвен ѓавол“ (англиски: Red Devil) — песна на канадската рок-група Ноуминсноу (Nomeansno) од 1982 година.[58]
  • „Луцифер Сем“ (англиски: Lucifer Sam) — песна на британската рок-група Пинк флојд од 1967 година.[59]
  • „Сочувство за ѓаволот“ (англиски: Sympathy For The Devil) - песна на британската рок-група Ролинг Стоунс (The Rolling Stones) од 1968 година.[60]
  • „Згоден ѓавол“ (англиски: Handsome Devil) - песна на британската поп-рок група Смитс (The Smiths) од 1984 година.[61]
  • „Лексиконски ѓавол“ (англиски: Lexicon devil) - песна на американската хард-кор група Џермс (The Germs).[62]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Гордана Стојковска, „Речник на јужнословенска митологија“, 2004, Издавачки центар Три, Скопје ISBN 9989-918-97-X.
  2. Танас Вражиновски, Македонска народна митологија, Матица Македонска, Скопје, 2002, стр. 232.
  3. 3,0 3,1 Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија. Скопје: Издавачки центар Три, 2004, ISBN 9989-918-97-X.
  4. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 221-222.
  5. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 286.
  6. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 288-293.
  7. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 294-295.
  8. 8,0 8,1 Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 388.
  9. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 301, 303.
  10. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 386.
  11. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 291.
  12. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 309-310.
  13. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 291-293.
  14. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 387.
  15. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 358.
  16. 16,0 16,1 Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 389.
  17. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 297-298.
  18. Томе Саздов (избор), Македонски народни приказни. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 51-54.
  19. Волшебни сказни на балканските народи. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 10-12.
  20. Томе Саздов (избор), Македонски народни приказни. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 42-45.
  21. Волшебниот прстен - Естонски народни приказни. Наша книга, Скопје, 1969, стр. 38-40.
  22. Пољске бајке. Београд: Народна књига, 1974, стр. 36-41.
  23. Бајке са југа Африке. Београд: Народна књига, 1964, стр. 30-34.
  24. Мађарске бајке. Београд: Народња књига, 1974, стр. 118-121.
  25. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 43-44.
  26. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 148-150.
  27. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 407-408.
  28. Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 77-80.
  29. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 83-87.
  30. Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 80-82.
  31. Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 148.
  32. Јакуб Арбес, Свети Ксавериј. Скопје: Бегемот, 2016.
  33. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 126.
  34. Михаил Булгаков, Ѓаволијада / Кобни јајца. Скопје: Бегемот, 2015.
  35. Ана Бунтеска, Колку е потребно за среќа. Скопје: Матица Македонска, 2016, стр. 119-121.
  36. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 16-17.
  37. Вилијам Батлер Јејтс, Келтскиот самрак. Скопје: Бегемот, 2014, стр. 49.
  38. Летаат приказни. Скопје: Темплум, 2019, стр. 9.
  39. Дејан Мирчески, Кристалните јами на пропаста, Темплум, Скопје, 2012.
  40. Фернандо Песоа, Филозофски раскази. Скопје: Бегемот, 2016, стр. 24-50.
  41. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 211-212.
  42. Жанета Станоевска, Луѓе, птици и сеништа: Збирка раскази, Темплум, Скопје, 2011.
  43. Branko Ćopić, Parohija tužnoga đavola. Beograd: Rad, 1964.
  44. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 31.
  45. Велимир Хлебњиков, Краљ времена Велимир I. Просвета: Београд, 1964, стр. 264-285.
  46. Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 181.
  47. IMDb, The Devil (1972) (пристапено на 26.9.2019)
  48. Антена, број 841, 8.8.2014, стр. 17.
  49. DISCOGS, Body Count (2) ‎– Body Count (пристапено на 14.8.2020)
  50. YouTube, Devil in My Car - The B-52's (пристапено на 8.2.2021)
  51. DISCOGS, James White (2) ‎– James White's Flaming Demonics (пристапено на 7.9.2021)
  52. Discogs, The Go-Betweens – 16 Lovers Lane (пристапено на 15.3.2021)
  53. Da Dzaka Nakot, Neophodno zlo 2020, Suriken Records, 2015.
  54. Discogs, Dead Can Dance ‎– Aion (пристапено на 15.7.2020)
  55. YouTube, Nick Cave and the Bad Seeds- Up Jumped the Devil (пристапено на 1.11.2017)
  56. King Crimson – In The Wake Of Poseidon (пристапено на 27.1.2023)
  57. DISCOGS, The Cult ‎– Electric (пристапено на 8.3.2018)
  58. Discogs, Nomeansno – Mama (пристапено на 21.5.2023)
  59. Discogs, Pink Floyd ‎– The Piper At The Gates Of Dawn (пристапено на 25.2.2021)
  60. DISCOGS, The Rolling Stones ‎– Get Your Ya-Yas Out (пристапено на 25.8.2019)
  61. DISCOGS, The Smiths ‎– Hatful Of Hollow (пристапено на 18.7.2019)
  62. YouTube, The Germs Lexicon Devil (пристапено на 17.3.2017)